Советот на македонското национално малцинство за Приморско-горанската жупанија

 

Во 2002 година хрватското Собрание донесе нов уставен закон за правата на националните малцинства, кој, заради поуспешна реализација на обврските пропишани со Уставот на Република Хрватска, им дава право на националните малцинства да изберат свои претставници во локалната и во регионалната самоуправа, со цел учество во јавниот живот и во управувањето со локалните работи, како и заради зачувување, унапредување и заштита на положбата на националните малцинства.

Припадниците на македонското национално малцинство добија право да изберат претставници за македонското национално малцинство за ПГЖ, поради тоа што на подрачјето на Приморско-горанската жупанија се попишани нешто помалку од 500 припадници на ова национално малцинство.

Првите избори за претставници се спроведени на 18.5.2003 г. за мандатниот период од 2003 до 2007 г.; вториот мандат траеше од 2007-2011 г, а третиот од 2011-2015 г.

Според последниот попис на населението, на подрачјето на ПГЖ попишани се 508 припадници на македонското национално малцинство и со тоа е исполнет пропишаниот услов за избор на Совет на македонското национално малцинство во ПГЖ, кое е конституирано на 8.7.2015 г. со 25 члена на Советот.

Советот, како дел од локалната и од регионалната самоуправа, со уставен закон добива своја улога во зачувувањето, во унапредувањето и во заштитата на положбата на ова национално малцинство.

На пример:

  • да им предложи мерки за унапредување на положбата на националните малцинства на телата од единиците на самоуправата, но и да даде предлози во врска со општите акти, со кои се унапредуваат прашањата значајни за националните малцинства;
  • да предложи кандидати за телата на државната самоуправа и за телата на единиците на самоуправата;
  • да известува за секое прашање за кое ќе расправаат претставничките тела на самоуправата, а кои се однесуваат на положбата на националните малцинства;
  • да искаже мислења и предлози преку програмите на радиските и на телевизиските канали што се однесуваат на националните малцинства.


На Советот средства за работа му обезбедува Приморско-горанската жупанија врз база на планот за работа и врз база на финансискиот план и на програмата за работа. Адресата на Советот на македонското национално малцинство е заедничка со другите правни субјекти на македонското национално малцинство во Риека и во Приморско-горанската жупанија, а тоа е „Матачиќева“ бр. 5, Риека.

Заедништвото на сите правни субјекти на македонското национално малцинство се огледува преку соработката, т.е. преку потпишаниот Договор за основање канцеларија на субјектите на македонското национално малцинство, а подоцна и Договор за правата и обврските при користењето на заедничкиот деловен простор, како и за заедничкото извршување на административните работи.

Претставникот, во соработка со другите правни субјекти, како предводник на Советот, а потоа и самиот Совет на македонското национално малцинство во Приморско-горанската жупанија, поведе одредени

иницијативи и одлуки:

  • организација на училишта за дополнителна настава по македонски јазик според моделот Ц во ОУ „Центар“ во Риека во 2008 г.
  • барање од Градот Риека за доделување локација за изградба на македонски културен и духовен центар во Риека;
  • посета на Меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Тодорица 2007“ во Македонија, како и повратна посета на претседателката на оценувачкиот одбор, Родна Величковска, од Институтот за фолклор

на Република Македонија:

  • обележување на Денот на светите браќа Кирил и Методиј на Истра, во Нови Винодолски и во Башка;
  • иницијатива за збратимување на градовите Риека и Битола и посета на претставници на Град Риека во Република Македонија 2009 г.;
  • предлог за почесен конзул на Република Македонија во Република Хрватска да биде избран проф. д-р Горан Калоѓера – предлогот е прифатен и е во сила и денес;
  • предлог на Градот Риека за доделување златна плакета „Грб на Градот Риека“ на МКД „Илинден“, што е доделена во 2010 г.;
  • организирање вонредна настава по македонски јазик според моделот Ц во Првата хрватска сушачка гимназија во Риека во 2015 г., како и воведување работилницаза возрасни во 2017 г. за негување на македонскиот јазик и култура.

Советот на македонското национално малцинство за Приморско-горанската жупанија ги подготвува годишните планови и програми што се реализираат во текот на годината, финансиски поддржани од Приморско-горанската жупанија, а програмски и содржински со поддршка на Советот на македонското национално малцинство за Град Риека, МКД „Илинден“, МПЦО „Св. цар Константин и царица Елена“, на сите вредни членови, на припадниците на македонското национално малцинство, на другите малцинства и на мнозинскиот народ во градот Риека, а и пошироко, како и на вљубениците и љубителите на Македонија и на нејзините богатства.      

 

FACEBOOK

facebook_page_plugin